Со донесувањето на новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, е наведено дека се менува начинот на пресметка за просумерите до 10 kW за предадените и преземените kWh во мрежа. Со законот се предвидува дека наместо да се користи финансиски модел на пресметка, се преминува на модел каде за секој предаден kWh во мрежа истиот се признава како енергетски депозит и може да се користат предадените kWh во зима кога фотонапонските централи помалку произведуваат електрична енергија. Она што е исто така променето е дека начинот на пресметка ќе се врши еднаш годишно до 1 април, а не како досега 2 пати годишно до 30 јуни и 31 декември.
Овие измени се наведени во член 55 и се дадени во став (1), точка 1, каде е пропишано за електроцентрали со инсталирана моќност до 10 kW пресметката на преземената и предадената електрична енергија ќе се врши со нето-мерење.
Понатаму, во став (4) од истиот член се појаснува концепт на ова нето-мерење каде се кажува следното:
- Вишокот на испорачана електрична енергија во мрежата се признава како енергетски депозит во киловат-часови (kWh).
- Овој депозит се користи за намирување на разликите во наредните пресметковни периоди
- Негативната нето-разлика (кога трошите повеќе отколку што произведувате) претставува основа за фактурирање согласно договорот со снабдувачот.
- Пресметката се врши месечно, а финалното годишно срамнување се прави до 1 април во тековната година за претходната година, каде евентуалниот преостанат вишок снабдувачот го откупува по договорена цена.
Она што важно да се напомене е дека иако во Членот 55 се наведени измените за просумерите до 10 kW, неговата реална примена е ограничена и модифицирана со преодните одредби лоцирани на самиот крај на законот. Според Член 108, став (1), сите потрошувачи-производители кои до денот на стапување во сила на новиот закон применувале нето-мерење, ќе можат да го користат постоечкиот систем на наплата најдоцна до 31 декември 2026 година.Она што е клучно е навевдено во став (2) од истиот член, каде е кажано дека по истекот на овој рок (односно од 1 јануари 2027 година), овие потрошувачи задолжително преминуваат на примена на систем на одделно мерење и финансиско порамнување.
Како ќе се пресметува ова порамнување од 2027 година е прашање што допрва ќе се дефинира. Една од опциите е пресметката да се врши по моделот на нето-пресметка од Член 57, став (5), каде што вредноста на вашиот вишок електрична енергија се пресметува како производ од количините и договорената цена, но намалена за 5%.
Она што е клучно за да видиме по кој модел ќе се пресметува вишокот на предадена енергија и за да започне во пракса да се применува ова финансиско порамнување, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини допрва треба да донесе дополнителни подзаконски акти и методологии. Законот во Член 116, став (1) им дава рок на институциите од две години за донесување на овие акти.
Додека овие нови документи не бидат официјално објавени и ставени во функција, во сила останува Член 107, став (2) од преодните одредби. Тој изречно пропишува дека во овој преоден период продолжува да се применува постоечкиот начин на пресметка утврден согласно со актуелниот Правилник за обновливи извори на енергија.
Тоа значи дека сметките и понатаму ќе се пресметуваат по досегашните правила од Правилникот од 2024 година, каде вишокот струја во старт се вреднува со признавање на 90% од вредноста на активната енергија (без вклучена мрежарина и даноци).

Напишете коментар