На 23 јуни, пред Општина Струга се одржа вториот Соларен саем, настан кој ја стави сончевата енергија и можностите за енергетска транзиција во центарот на вниманието на граѓаните.
Настанот беше посетен од голем број граѓани кои имаа можност да се информираат за користењето на соларната енергија, начините за поставување фотонапонски системи во домаќинствата, како и за концептот на просумер, модел во кој граѓаните истовремено произведуваат и користат електрична енергија.
Преку интерактивни содржини и демонстрации, присутните се запознаа со практичната примена на сончевата енергија и различните технологии што придонесуваат за поодржливо користење на ресурсите. Посебен акцент беше ставен на приближување на овие решенија до секојдневието на граѓаните.
Во рамки на саемот беа поставени и информативни штандови од организации и компании од секторот, каде посетителите можеа директно да добијат информации за техничките решенија и можностите за имплементација на обновливи извори на енергија.
„Соларен саем Струга“ е организиран од Центарот за климатски промени во рамки на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, поддржан од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија, во рамки на NDICI CHALLENGE/2024/455-010 „Финансирање на поправедни иднини: Проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“, координиран од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија.

