Кожуф – природно богатство од национално и меѓународно значење кое бара итна заштита

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

Центарот за климатски промени ја информира јавноста дека на 10 јуни 2026 година во Народниот театар во Гевгелија во заедничка организација со Фондација за локален и ИТ развој од Гевгелија, се одржа форумот „Дијалог за иднината на Кожуф“, посветен на природните вредности на планината Кожуф, нејзиното значење за зачувување на биодиверзитетот и потребата од воспоставување соодветна заштита на ова исклучително значајно подрачје.

Во рамки на форумот беа презентирани научни и стручни сознанија за природните карактеристики на Кожуф, кој претставува едно од највредните природни подрачја во државата. Планината се одликува со разновиден релјеф, значајни геолошки и геоморфолошки појави, развиена хидрографска мрежа и исклучително богата биолошка разновидност. На нејзината територија се среќаваат карстни и глацијални форми, палеовулкански појави, бројни извори и водотеци, како и вредни шумски и планински екосистеми.

Особено значење има богатството на растителниот и животинскиот свет. Кожуф претставува живеалиште на повеќе ендемични и ретки видови, меѓу кои Алшарската темјанушка (Viola allchariensis), Арсеновата темјанушка (Viola arsenica), Алшарската матерка (Thymus alsarensis), Кавадаречкиот различник (Centaurea kavadarensis) и други видови со ограничето распространување и висока научна вредност.

Природните вредности на Кожуф се препознаени и на меѓународно ниво. Подрачјето е дел од Емералд мрежата согласно Бернската конвенција, а воедно е идентификувано како значајно подрачје за птици, растенија и пеперутки. Овие меѓународни признанија ја потврдуваат неговата исклучителна улога во зачувувањето на биолошката разновидност и природното наследство.

На форумот беше истакнато дека заштитата на Кожуф не претставува само прашање на зачувување на природата, туку и предуслов за долгорочно одржливо управување со природните ресурси, зголемување на отпорноста кон климатските промени и создавање нови можности за локален развој. Притоа беше нагласена и важноста на активното учество на локалната заедница во сите фази од процесот на заштита и идно управување со подрачјето.

Заклучокот од форумот е дека Кожуф претставува природно богатство од исклучително национално и меѓународно значење кое бара навремена, системска и долгорочна заштита. Зачувувањето на неговите природни вредности, живеалишта и видови е од суштинско значење за биодиверзитетот, природното наследство и одржливиот развој на регионот. Во следниот период неопходно е да се започне со работа на терен и анализа на биолошката разновидност, пределските карактеристики вклучително и социо-економските аспекти на подрачјето  со цел утврдување на природните вредности и потенцијалниот степен на заштита на подрачјето.