Тематски форум за Зелена Агенда: Одржливо и функционално Скопје – перспективи и можности

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

Зелената агенда за Западен Балкан е стратешка рамка усогласена со Европскиот зелен договор, која има за цел постигнување климатска неутралност до 2050 година, одвојување на економскиот раст од интензивното користење ресурси и овозможување инклузивен напредок.

Опфаќа пет основни столбови:

1) Декарбонизација и климатска заштита,

2) Циркуларна економија,

3) Намалување на загадувањето во вода, воздух и почва,

4) Одржливо земјоделство и производство на храна и

5) Заштита на природата и обнова на екосистемите.

Овие столбови ги содржат најважните насоки за модернизација на секторите на енергија, транспорт, земјоделство и индустрија, при што дел од нив директно се релевантни и за локалните власти на пример, транзицијата кон обновливи извори и чист транспорт во градовите (столб 1) или увојувањето политики за кружна економија и селекција на отпадот (столб 2).

Важноста од вклучување на столбовите од Зелена Аг енда во програмите на кандидатите за градоначалници?

Во пресрет на локалните избори сметаме дека програмите на кандидатите за градоначалници се клучен инструмент преку кој граѓаните може да ги оценат нивните приоритети, а кандидатите за градоначалници да ги презентираат своите решенија за конкретните проблеми на локално ниво. Особено е важно програмите да содржат јасни визии за одржлив развој и заштита на животната средина. Уверливите еколошки политики – како подобрување на квалитетот на воздухот, управување со отпадот и унапредување на урбаната инфраструктура ја зголемуваат довербата на гласачите во способноста на кандидатите да одговорат на секојдневните проблеми на граѓаните. Вклучувањето на столбовите од Зелената Агенда за Западен Балкан во овие програми обезбедува дополнителна вредност бидејќи ја поврзува локалната политика со регионалните и европските стандарди за чиста и одржлива иднина. за таа цел на 17ти септември, во Кино „Фросина“, го одржавме тематскиот форум посветен на прашањето „Во какво Скопје сакаш да живееш?“. Овој настан отвори широка дебата за иднината на главниот град и за потребата од итни промени во урбанизмот и системот за управување со отпадот.

Граѓаните, експертите и активистите се согласија дека Скопје мора да се врати на патот на одржлив урбан развој. Денес градот се соочува со прекумерна бетонизација, уништување на зелени површини и урбан хаос предизвикан од неконтролирано градење. Наместо нови згради и молови, Скопје има потреба од заштитени и проширени зелени површини, паркови и дрвореди кои обезбедуваат чист воздух и квалитетен јавен простор. Планското и транспарентно урбанистичко планирање, со активно вклучување на граѓаните и експертската јавност, мора да биде насочено кон одржлива мобилност, создавање пешачки и велосипедски патеки, современ јавен транспорт и помала зависност од автомобили. Паралелно, потребни се темелни промени во системот за управување со отпад: редовно и ефикасно собирање, селекција и рециклирање на хартија, пластика, стакло и биоотпад како ресурс, борба против дивите депонии и воведување строги контроли и казни за загадувачите, како и едукација на граѓаните за компостирање и одговорно користење на ресурсите. Само со интегриран пристап кон урбаниот развој и управувањето со отпадот, Скопје може да стане град отпорен на климатски промени, функционален, еколошки одржлив и пријатен за живеење, каде јавниот интерес е над приватниот профит!

Претставниците на општините, невладините орга низации и граѓаните, ни одговорија какво Скопје сакаме.

г-ѓа Софија Зафировска, советник за животна средина во Општина Аеродром: „Кога би имала неограничени можности и буџет, би сакала да го видам Скопје без контејнери на јавните површини и улиците. Секоја станбена зграда или единица би имала свој организиран простор за отпад, со посебни контејнери за комунален отпад, пластика, стакло и хартија. Пристап до овие контејнери би имал секој станар, а управувањето со отпадот би го вршел колективен постапувач кој ќе обезбедува редовно собирање и правилно одлагање. На овој начин, не само што ќе се подобри визуелниот изглед на градот, туку и ќе се унапреди системот за рециклирање и одржливо управување со отпадот, со што Скопје ќе стане почист, поуреден и поздрав град за сите жители.“ 

„Сакам да го видам Градот Скопје со функционален систем за селекција на отпад и со реална имплементација на Законот за управување со отпад. Законот предвидува дека наплатата на отпадот ќе ја одредува регулаторната комисија, но сè уште сме далеку од неговото спроведување. Националните норми за количината на депониран отпад и селективно собирање не се исполнети, а дури и пилот проектите со подземни контејнери не се користат како што треба.Правилна наплата според законот ќе ги мотивира граѓаните да селектираат: ако секој плаќа според количината и видот на отпадот што го исфрла, ќе има финансиска причина да одделува метали, пластика, хартија и комунален отпад. Денес, граѓаните немаат мотивација да го намалат отпадот, кој се смета за ѓубре, додека во Европа отпадот се третира како ресурс – се користи за енергија и повторно производство, со што се заштитуваат природните ресурси.Ако овој систем се имплементира, ќе се подобрат и животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.“ одговори, г-ѓа Александра Димитриевска Аврамовска- раководител на одделение за комунална инспекција  и инспекција за животна средина во Општина Гази Баба.

Г-дин Бојан Трпевски- правник во Македонско здружение на млади правници: Сакам да го видам Скопје како средина во која има поголема соработка помеѓу институциите заради правилно управување со отпадот. Сакам се почесто да гледам комуникација по службена должност помеѓу институциите и постапување на барањата и пријавите од граѓаните, а се поретко да се користи фразата “прашањето не е во наша надлежност”. Сакам да гледам кампањи за подигнување на јавна свест за селекција на отпадот кои нема да бидат само билборди, социјални мрежи или телевизиски прилози/видеа, туку ќе се применуваат практиките кои веќе ги примениле другите европски земји и кои дале реални резултати кај нив.

„Сакам да живеам во Скопје кое е уредено и поврзано преку чисти сообраќајни, пешачки, велосипедски и зелени коридори. Чистењето на овие коридори значи ослободување и уредување на главните траси на движење, отстранување на пречки и нелегални објекти и подобрување на јавниот простор. Таквиот процес овозможува подобар проток на луѓе, возила и воздух, создава пофункционален и безбеден град и нуди урбана средина што ја почитува потребата на секој граѓанин. Во такво Скопје се живее поквалитетно, поудобно и со повеќе слобода за движење.“  зборуваше,  г-ѓа Биљана Насковиќ- раководител на одделение за урбанистичко планирање во Општина Центар.

„Сакам да го видам Скопје со функционални паркинзи кои одговараат на потребите на големиот број автомобили, но не се изградени од бекатон и бетон. Наместо тоа, тие би биле направени од материјали кои ја впиваат дождовницата, со што се намалуваат ризиците од поплави и се подобрува управувањето со атмосферските води. Ваквите паркинзи овозможуваат поголема интеграција на зелени површини и поредовен урбан простор, го намалуваат топлотниот островен ефект и придонесуваат за зачувување на природните ресурси. На овој начин, Скопје станува поздрав, поодржлив и пријателски град за живот, каде инфраструктурата ја поддржува еколошката свест и заштитата на животната средина.“ г-дин Јане Димески- Граѓанска Иницијатива Шанса за Центар

 ,,Урбанизацијата во градот е претерана и потребно е да се огледуваме на примери како Словенија, која гради затворени и зелени градови. Скопје мора да се прилагоди на климатските промени, бидејќи зголемената бетонизација со бекатон и бетон доведува до поплави, поради тоа што водата нема каде да се впие во земјена површина. Сакам да живеам во Скопје кое ќе го врати балансот меѓу урбаното и природното, со повеќе зелени површини, одржлива инфраструктура и јавни простори што овозможуваат чист воздух, безбедно движење и квалитетен живот за сите граѓани.“ ни рече, Маја Маркоска – извршен директор во здружение на граѓани Милиеу Контакт Македонија.

Заедничка визија и порака од тематскиот форум креирана заедно со сите присутни….

Скопје треба да биде град за луѓето, со чисти и зелени јавни простори, функционални пешачки и велосипедски коридори и паркинзи кои ја впиваат дождовницата, намалувајќи ризик од поплави и зачувувајќи природни ресурси. Градот мора да има систем за селекција и правилно управување со отпад, каде граѓаните се мотивирани да рециклираат, а инфраструктурата ја поддржува одржливоста и еколошката свест. Со вакви интегрирани решенија, Скопје станува пофункционален, поеколошки и поздрав град, со висок квалитет на живот за сите жители.

Во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан“, поддржан од Амбасадата на Швајцарија преку програмата на Цивика Мобилитас, Центарот за климатски промени се обрати до кандидатите за градоначалници со цел вклучување на пиларите од Зелената агенда во нивните програми за работа. Скопје се соочува со сериозни проблеми во урбанизмот и управувањето со отпадот: прекумерна бетонизација, уништување на зелени површини, автоцентричен развој без јавна расправа, недостаток на пешачки и велосипедски коридори, ниска енергетска ефикасност на зградите и непрописно управување со отпадот со низок процент на селекција и рециклирање, како и чести пожари на депонии кои го загадуваат воздухот и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Овие состојби ја намалуваат отпорноста на градот на климатските промени и го влошуваат квалитетот на живот. Внесувањето на петте столба од Зелената агенда како одржлива мобилност, зголемување на зелените површини, енергетска ефикасност, еколошко управување со отпад и транзиција кон зелена енергија – е од клучно значење за обезбедување на одржлив урбан развој и заштита на животната средина. Ваквиот тип на активности за застапување се важни бидејќи обезбедуваат дека кандидатите јасно се обврзуваат на интеграција на овие принципи, а следењето на нивните програми и отчетноста за сработеното овозможува јавна контрола и проверка на реалната имплементација на заложбите. Само со ваков систематски и транспарентен пристап Скопје може да стане функционален и еколошки одржлив за сите жители.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *