Информирај се за ефектите од климатските промени и начинот на кој можеш да допринесеш во намалувањето на ефектите од климатските промени. Размисли за тоа и разговарај со твоите најблиски затоа што заедно можете повеќе да допринесете. Потоа разговарајте со локалната самоуправа, министерствата, индустријата, приватните претпријатија и објаснете им како нивните активности допринесуваат за климатските промени. Сите заедно можеме да направиме промени во нашето однесување се со цел да ги намалиме ефектите од климатските промени.
Транспортот е одговорен за скоро 30% од вкупните емисии на СО2 во ЕУ, од кои 72% доаѓаат од патен транспорт. Како дел од напорите за намалување на емисиите на СО2, ЕУ постави цел да ги намали емисиите од транспортот за 60% до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година.
Во Македонија, транспортот исто така допринесува за околу 30% од вкупните емисии на стакленички гасови. Затоа вози велосипед наместо автомобил!
Типично дрво може да апсорбира околу 21 килограм јаглерод диоксид (СО2) годишно, но оваа бројка се постигнува само кога дрвото е целосно пораснато - фиданките ќе апсорбираат значително помалку од ова. Во текот на животот од 100 години, едно дрво може да апсорбира околу еден тон СО2. Иако се чини дека ова е значителна количина, луѓето создаваат околу 40 милијарди тони СО2 годишно, што значи дека ќе треба да засадиме 40 милијарди дрвја годишно за да се надоместат создадените емисии. Дури и да беше ова можно, просторот на земјиштето значително ќе се намали.
Часот на планетата Земја е едно од најголемите движења во светот за животната средна. Оваа меѓународна иницијатива започна во 2007 година и до денес секоја година во последната сабота во месец март, Часот на планетата Земја обединува милиони луѓе во повеќе од 180 земји и територии, исклучувајќи ги нивните светла за да покажат поддршка за нашата планета.
Благодарение на вас Часот на планетата Земја 2021 година може да биде во центарот на вниманието а со тоа да се овозможи да се развијат глобални разговори за заштита на природата не само за борба против климатската криза туку и за подобар квалитет на живот за сите нас.
Обновливи извори се ветерот, сонцето, геотермалната енергија и водата. За загревање на водата во домот може да се користи сонцето односно да се инсталираат сончеви панели кои сончевата енергија ја претвораат во топлинска и ја загреваат водата. На ваков начин наместо електрична енергија се користи сончевата енергија која е бесплатна и не допринесува кон емисија на стакленички гасови, а истовремено и не загадува.
Една електрична сијалица емитува од 22 kg CO2 до 152 kg CO2 во зависност дали е волфрамова, халогена или ЛЕД.
Подолу е дадена пресметка за емисијата на СО2 од секој работен час на различен вид сијалица.
Волфрамова: 60 W x 24 h = 1.44 kWh = 0.798 kg CO2(e)
Флуоресцентна: 14 W x 24 h = 0.336 kWh = 0.186 kg CO2(e)
ЛЕД: 7W x 24 h = 0.168 kWh = 0.093 kg CO2(e)
Проценките покажуваат дека едно пластично шише со вода од 500 мл има вкупен отпечаток на јаглерод еднаков на 82,8 гр. јаглерод диоксид. И не е само тоа, за да се користи како пакување потребно е да транспортира, складира и потоа да се одложи. Доколку заврши во природата да се разложи потребни се неколку илјади години, а освен тоа неговото присуство во природата може да влијае негативно врз животните и растенијата. Затоа внимавај како ќе го одложиш, селектирај го во соодветниот сад за одложување на пластика за да може да заврши на соодветно место и да се рециклира. Со тоа заштедуваме користење на нови ресурси и емисија на стакленички гасови.
Отпадот допринесува значајно за емисијата на стакленички гасови и тоа воглавно со депонирањето на отпадот на депонија. Со депонирањето на отпадот се ослободува метан кој е стакленички гас и допринесува за климатските промени. Затоа селектирај го отпадот за да може да се рециклира. Со тоа допринесуваш за помалку емисија на стакленички гасови но и за помала потреба од ресурси за производство.
Глобалното производство на добиток придонесува со околу 18% од емисиите на антропогени стакленички гасови (GHG) главно во однос на метан и азотен оксид. Со намалената конзумација на месо и млечни производи овозможувате да се намали производството на добиток а со тоа и да се намалат стакленичките емисии.