Во ООУ „Братство“ од Општина Карпош се одржа првата едукативна презентација за внатрешното загадување на воздухот. Презентацијата на тема „Воздухот во моето училиште“ е прва од планираните презентации кои ќе се реализираат во сите основни училишта од Општина Карпош.
Настанот беше проследен од учениците од трето и петто одделение и тоа со физичко присуство и електронски преку платформите за електронска комуникација ZOOM и Microsoft Teams.
Со оваа активност учениците се стекнаа со нови знаења за причинителите на аерозагадувањето, загадувачките супстанци, типови на аерозагадување како и активностите што можат да се преземат за да може да го намалиме аерозагадувањето.
Воедно, до крајот на оваа година едукативни презентации ќе се одржат и во основните училишта од Општина Карпош, ООУ „Аврам Писевски“, ООУ „Вера Циривири – Трена“ и ООУ „Владо Тасевски“. Во сите овие училишта беа поставени сензори за следење на квалитетот на воздухот во училиштето, односно за следење на концентрациите на РМ10, РМ 2,5, СО2, органски испарливи соединенија (VOCs) и ЅО2.
Едукативните презентации и мерењата се одржуваат во рамките на проектот „Зголемување на свеста за внатрешното загадување на воздухот во основните училишта во Република Македонија“, финансиран од Австралиската Амбасада во Белград.