Во продолжение на веќе одржаните едукативни презентации за е-отпад во рамките на проектот „Е-отпад создава можности“ финансиран од Американската Амбасада во Скопје, Центар за климатски промени на ден 10 Февруари оддржа презентации за учениците од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Општина Кисела Вода во Скопје.
На презентациите учествуваа околу 50 ученици од V-IX одделение, при што имаа можност да научат повеќе за електричниот отпад, колкава количина се создава на светско ниво, начини на кои можеме да го намалиме неговото создавање, неговите негативни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето, но и придобивките од овој отпад доколку се рециклира.
За време на презентациите учениците покажаа особен интерес и внимание за содржината која им беше презентирана, при што активно се вклучија со прашања и споделување на лични искуства поврзани со управувањето на овој тип отпад.
Во рамките на овој проект се организира натпревар за собирање на електричен и електронски отпад помеѓу училиштата кои учествуваат во проектот, при што за најдобрите ќе следуваат вредни награди. Одговорна страна за менаџирање на процесот за превземање на собраниот е-отпад од училиштата е ЕЛКОЛЕКТ, колективен постапувач за собирање на отпад од електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори.
Галерија: Презентација во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Општина Кисела Вода