
Центарот за климатски промени за потребите од спроведување на проектот ,, Младите и жените- двигатели на транзицијата кон одржливо управување со отпадот во руралните средини (WeLEADRural)“, финансиран од Француска агенција за развој (AFD) објавува:
ЈАВЕН ПОВИК ЗА ИЗРАБОТКА НА 3 (ТРИ) ЈАВНИ УМЕТНИЧКИ ИНСТАЛАЦИИ ОД РЕУПОТРЕБЕНИ МАТЕРИЈАЛИ
1.Информации за проектот
Цел на проектот: Општата цел на проектот е да придонесе кон одржливиот развој и заштитата на животната средина во руралните средини преку подобрување на системите за управување со отпад, воведување практики на циркуларна економија и активно вклучување и зајакнување на младите и жените. Проектот има за цел да ги зголеми знаењата и вештините на локалното население, да воспостави функционален систем за селекција на пластичен отпад во три рурални општини, да го намали несоодветното одлагање на отпадот и да поттикне долгорочни промени во однесувањето и локалната инфраструктура
Целни групи: Главни целни групи се младите и жените од руралните општини, особено оние со ограничен пристап до инфраструктура за управување со отпад и еколошко образование. Во проектот директно ќе бидат вклучени најмалку 250 лица- 100 млади и 150 жени преку обуки и практични активности за селекција, рециклирање, компостирање и циркуларна економија. Дополнително, 180 домаќинства од руралните средини ќе учествуваат во примарната селекција на пластичен отпад. Ќе бидат опфатени и 3 јавни комунални претпријатија и претставници на општините.
Времетраење на проектот: Проектот е предвиден да се реализира во период од 01.11.2025 до 30.10.2026 година, во рамките на кој ќе се спроведат активностите за градење капацитети, воспоставување на систем за селекција на пластичен отпад, мониторинг и евалуација, како и кампањата за подигнување на јавната свест.
Проектни активности: Проектот опфаќа градење на капацитетите на младите и жените за одржливо управување со отпад преку интерактивни едукативни работилници и практични активности за селекција, рециклирање, компостирање и повторна употреба на материјали, како и организирање регионален настан за размена на добри практики. Во рамките на проектот ќе се воспостави одржлив систем за управување со пластичен отпад во три рурални општини преку подготовка на правни и оперативни документи, набавка и поставување опрема за собирање и селекција на пластика, обука на јавните комунални претпријатија и вклучување на 180 домаќинства во примарна селекција на отпадот. Дополнително, ќе се спроведува мониторинг и евалуација на системот преку следење на неговото функционирање, собирање повратни информации од домаќинствата и релевантните локални чинители и проценка на постигнатиот напредок. Проектот предвидува и кампања за подигнување на јавната свест преку изработка на јавни инсталации „Art from Trash“, медиумска и социјално-медиумска промоција на добри практики и активности за поттикнување на учеството на граѓаните. Како дополнителен резултат, ќе биде изработен и дистрибуиран практичен водич (Toolkit) за одржливо управување со отпад, кој ќе содржи насоки за селекција, компостирање, рециклирање и практични „направи сам“ решенија за повторна употреба на отпадни материјали.
2.Опис на услугите:
Избраното лице ќе биде ангажирано за осмислување, изработка и поставување на три јавни уметнички инсталации од отпадни и реупотребени материјали-по една во општините Илинден, Ѓорче Петров и Гази Баба.
Избраното лице ќе треба:
- да подготви три идејни решенија, по едно за секоја локација;
- по одобрувањето на идеите, да ги изработи трите инсталации, првенствено од отпадни и реупотребени материјали, со посебен акцент на пластичниот отпад;
- по потреба да користи и дополнителни материјали за да обезбеди стабилност и трајност на инсталациите;
- да реализира најмалку една креативна работилница со ученици во секоја од трите општини и да ги вклучи во создавањето делови од инсталациите;
- редовно да се координира со проектниот тим;
- да го организира транспортот, монтажата и поставувањето на инсталациите на договорените локации;
- да обезбеди инсталациите да бидат стабилни, безбедни за јавен простор и отпорни на вообичаени временски влијанија.
Конечниот изглед на инсталациите ќе се договори со проектниот тим на Центарот за климатски промени.
3. Обезбедување на материјали и поддршка
Центарот за климатски промени ќе ги обезбеди основните отпадни и реупотребени материјали потребни за реализација на инсталациите како и организациската поддршка и учесниците потребни за реализација на креативната работилница.
Креативецот ќе биде одговорен за нивно соодветно користење и обликување во согласност со одобрените идејни решенија.
4. Времетраење на ангажманот
Ангажманот ќе трае 12 работни дена, во периодот септември- октомври 2026 година.
Трите инсталации треба да бидат целосно изработени, транспортирани, поставени и подготвени за јавно презентирање најдоцна до 15.10. 2026 година.
Распоредот на активностите ќе се утврди во координација со проектниот тим, имајќи ги предвид достапноста на локациите, временските услови и распоредот на училишните активности.
5. Очекувани резултати
Од ангажираниото лице се очекува да ги испорача следните резултати:
- 3 (три) оригинални и концептуално разработени идејни решенија за јавни уметнички инсталации;
- 3 (три) целосно изработени јавни уметнички инсталации од отпадни и реупотребени материјали;
- Поставени и безбедно монтирани инсталации на 3 (три) определени јавни локации;
- Реализирана најмалку 1 (една) креативна работилница со ученици во секоја од општините;
- Активно учество на учениците во процесот на создавање на дел од инсталациите;
- Инсталации подготвени за јавно презентирање и долгорочно изложување во јавен простор.
6. Потребни квалификации и искуство
На јавниот повик може да се пријави секое полнолетно лице кое претходно има изработено најмалку едно уметничко дело или креативен предмет од отпадни или реупотребени материјали.
Може да се пријават уметници, креативци, дизајнери, занаетчии, активисти, едукатори, лица што се занимаваат со ова како хоби и сите други заинтересирани лица.
Не се потребни:
- формално уметничко образование;
- диплома или сертификат;
- статус на професионален уметник;
- регистрирана уметничка дејност;
Кандидатот треба со фотографии или линкови да покаже најмалку едно претходно изработено дело од отпадни или реупотребени материјали и да има практична можност да ги реализира задачите во предвидениот рок, самостојно или со помош на свој тим.
Искуството со јавна уметност, работа со деца и млади или еколошки теми ќе се смета за предност, но нема да биде задолжителен услов за пријавување.
7. Финансиски надомест
За реализација на целиот ангажман е предвиден бруто хонорар во износ од 1.200 евра, за вкупно 12 работни дена.
Во предвидениот хонорар се опфатени сите услуги и активности поврзани со развојот на концептите, изработката, учеството во работилниците, координацијата со проектниот тим, како и транспортот, монтажата и поставувањето на инсталациите, согласно договорените услови.
Исплатата ќе се изврши по успешно завршување на ангажманот и по прифаќање на испорачаните резултати од страна на Центарот за климатски промени.
8. Потребна документација
Заинтересираните кандидати треба најдоцна до 27.08.2026 година да достават:
- CV;
- фотографии или линкови од најмалку едно претходно изработено дело или креативен предмет од отпадни или реупотребени материјали;
- краток опис на делото, употребените материјали и улогата на кандидатот во неговата изработка.
9. Критериуми за избор
При изборот на кандидатот ќе се земат предвид следните критериуми:
Основен услов е кандидатот да достави фотографија или линк од најмалку едно претходно изработено дело или креативен предмет од отпадни или реупотребени материјали.
Кандидатите што го исполнуваат основниот услов ќе бидат оценувани според:
- креативноста и оригиналноста на приложените дела;
- начинот на кој се употребени отпадните или реупотребените материјали;
- практичната способност за работа со различни материјали;
- можноста за изработка на стабилни и безбедни инсталации за јавен простор;
- достапноста и можноста задачите да се завршат во предвидениот рок.
Искуството со јавна уметност, работа со деца и млади или теми поврзани со животната средина ќе се смета за дополнителна предност, но нема да биде задолжителен услов.
Формалното образование, професионалната титула и бројот на години работно искуство нема да се оценуваат.
По потреба, комисијата може да спроведе краток телефонски или онлајн разговор со кандидатите пред донесувањето на конечната одлука.
10. Постапка и правила за пријавување, рок и избор
Овој повик е јавен и на него може да се пријави секое лице што го исполнува основниот услов наведен во точка 6.
Пријавата, со информациите и примерите наведени во точка 8, треба да се испрати на: ckp.skopje@gmail.com .
Во насловот на електронската порака треба да стои: „Пријава-Уметност од отпад WeLEADRural“.
Не е потребно пополнување посебен образец. Пријавата може да биде напишана директно во електронската порака, а фотографиите може да бидат приложени или доставени преку линк.
Рокот за пријавување е до 27.08.2026 година.
Пријавите доставени по истекот на рокот нема да бидат разгледувани.
Пристигнатите пријави ќе ги оцени комисија формирана од Центарот за климатски промени, согласно критериумите наведени во точка 9.
По потреба, комисијата може да побара дополнителни информации или да спроведе краток телефонски или онлајн разговор со кандидатите.
Сите кандидати ќе бидат информирани за исходот од постапката по електронски пат.
Дополнителни информации:
Доколку Ви се потребни дополнителни информации во врска со јавниот повик, Ве молиме обратете се до Анастасиа Бабовска-Баба на следната е-пошта: Anastasia.babovska@ckp.org.mk или на телефонскиот број 075/877-196.



