Центар за климатски промени – Скопје го одржа завршниот семинар со наслов “Со подобрен енергетски менаџмент кон подобра конкурентност”

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

На 29 јануари, 2015 година, во конференциската сала на ресторан Воденица Mulino – Скопје, во 10ч, Центар за климатски промени – Скопје, го одржа завршниот семинар со наслов “Со подобрен енергетски менаџмент кон подобра конкурентност”, организиран во рамките на проектот “Подобрување на енергетскиот менаџмент во македонската индустрија”, финансиран од страна на Норвешката Амбасада во Белград.

Целта на семинарот е да ги презентира достигнувањата на проектот преку презентирање на реализираните активности, промоција на компаниите кои беа вклучени во проектот, преземените активности за подобрување на енергетскиот менаџмент во компаниите и препораки и сугестии предложени за компаниите во корист на нивната успешна имплементација на мерките за заштеда на енергија.

Во текот на семинарот учесниците имаа можност да добијат информации за можностите за финансирање на мерките за енергетска ефикасност во индустријата, како и да слушнат за успешни приказни на веќе финансирани проекти за енергетска ефикасност. Претставниците од Македонска банка за поддршка на развојот, Европска банка за обнова и развој и WeBSEFF- Одржллива Институција за финансирање на Западен Балкан, обезбедија детални информации за условите и постапките за добивање финансиски средства за таков проект.

Семинарот беше одлично место за подобрување на дијалогот меѓу различните засегнати страни во процесот на спроведувањето на мерките за заштеда на енергија во македонската индустрија.

Проектот беше финализиран во периодот меѓу декември 2013 и декември 2014 година со цел за подобрување на енергијата и еколошките перформанси на компаниите од Македонската прехранбена индустрија.

Во периодот од 1 година активности, проектoт реализираше 2 информативни семинари за воведување на практики за управување со енергија за претставниците на претпријатието. На семинарите беа ангажирани околу 40 различни македонски компании од прехранбената индустрија со цел да научат повеќе и да имплементираат мерки за заштеда на енергија во нивните објекти. По завршувањето на информативните семинари, проектниот тим организираше техничка обука во периодот меѓу април и јули 2014 година, каде 8 различни компании и нивните релевантни претставници добија директна техничка обука за менување на практиките и подобрување на управувањето со енергијата на нивните производствени процеси. Обуката беше спроведена преку 3 семинари, секој месец, организирани во мај, јуни и јули, 2014 година. Секој семинар беше тематски и се фокусираше на различни теми, со цел обезбедување на детални информации за успешно воведување на систем за управување со енергија во производствените капацитети на индустријата. За време на сесијата претставниците на компаниите имаа практични вежби поврзани со спроведување на енергетска контрола, подготовка на енергетската политика и развивање на план за акција. Обуката беше спроведена врз основа на претходна посета на секоја компанија и врз основа на реализирана прелиминарна енергетска контрола за седум компании:

  • Бучен Козјак ДОО Куманово, Компанија за производство на млеко и млечни производи
  • Макпрогрес ДОО Виница, Компанија за кондиторски производи
  • АД Гепластик Гевгелија, Компанија за производство на амбалажа за прехранбена индустрија
  • ЦД Фрут Ресен, Производство на овошни концентрати и сокови
  • Благој Ѓорев АД Велес, Производство на сончогледово масло за јадење
  • АД Европа Скопје, Производство на кондиторски производи
  • Маргони ДОО Скопје, , Вода и сокови

За секоја од овие 7 компании проектниот тим изготви извештај за прелиминарна енергетската контрола со главна цел мапирање на енергетските прашања и предлагање на мерки за заштеда на енергија. Во секој извештај за компанијата постојат неколку мерки и препораки за предложените подобрувања, и многу од нив не бараат големи инвестиции така што периодот на враќање на инвестицијата е многу мал. Во текот на теренските посети и изготвувањето на извештаи, проектниот тим, исто така, вклучи студенти од Машинскиот факултет да бидат дел од теренските посети и да учествуваат во изготвувањето на извештајот. Ова искуство беше многу корисно за студентите и за развој на нивната идна кариера како инженери и консултанти за енергетска ефикасност во индустријата.

По завршувањето на техничката обука, врз основа на посветеноста на компанијата и нивното учество во сесиите за обуката, 3 компании беа избрани за имплементација на системот за управување со енергија на ISO 50001. Имињата на компаниите се:

 

  • АД Гепластик Гевгелија
  • Бучен Козјак ДОО Куманово
  • Макпрогрес ДОО Виница

 

Во рамките на проектот е развиен и Прирачник за енергетски менаџмент со цел да им помогне на македонската индустрија и енергетски менаџери, при воведување на Стандардот за Управување со енергија, ISO 50001 и во текот на имплементацијата на мерките за заштеда на енергија за нивните производствени капацитети.

Прирачникот може да биде превземен од тука:

 

Прирачник за Енeргетски менаџмент и енергетска ефикасност[Превземи]

 

 

Овде можете да ги симнете материјалите од презентациите:

1. Бојана С.П.-Постигнати резултати [Превземи]

2. Предизвици и можности за имплементација на систем за управување со енергија [Превземи]

3. Студентско искуство [Превземи]

4. Раст на вашиот бизнис? Know how. [Превземи]

5. WeBSEFF II Презентација [Превземи]

 

Галерија на слики:

« 2 на 3 »