Успешно спроведена акција – „Еколошки автобус“

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

На 14.09.2017 година, под мотото „Вклучи се за здрава животна средина“, Центар за климатски промени заедно со Општина Ресен успешно ја реализираа заедничката акција „Еколошки автобус“. Учениците од еколошката секција од ОУ „Гоце Делчев“ од Општина Ресен заедно со претставниците од Паркот на природата „Езерани“, мониторинг станицата во с. Стење, Општина Ресен и Центарот за климатски промени ја посетија компостарата во с. Златари, мониторинг станицата и информативните центри во с. Стење и с. Езерани. Целта на оваа заедничка акција беше да се зголеми свеста кај младата популација за значењето на животната средина и како треба да ја однесуваат со цел нејзино зачувување.

При посетата на компостарата „Еколошкиот автобус“ беше пречекан од страна на Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Ресен. Компостарата се наоѓа во с. Златари и се наоѓа во непосредна близина на депонијата. Воедно ова е прва компостара која е изградена во Р. Македонија и претставува успешен пример за идните компостари кои ќе се градат во Р. Македонија. Учениците имаа можност да видат како се произведува компостот, од кои состојки се приготвува и како се пакува. Еден од рецептите кој се користи за изработка на компост се состои од измет од кокошки, исушена трева, скапани јаболка и на крај се става талог кој се создава од пречистителните станици. Сите слоеви се редат еден врз друг во должина од 1 до 1,5 метар и откако ќе се наредат машински се мешаат состојките. Во летниот период компостот се меша на секои 5 дена, додека во зимскиот период на секои 15 дена. Готовиот компост се добива во рок од 3 до 6 месеци.

По завршувањето на посетата во компостарата „Еколошкиот автобус“ се упати кон станица за мерење на квалитетот на вода во Преспанското Езеро која се наоѓа во с. Стење. За време на патување кон станицата претставник од Македонското еколошко друштво презентираше за растителниот и животинскиот свет кој може да се сретне во и околу Преспанското Езеро. На учениците оваа тема им беше многу интересна и сите активно се вклучија со набројување на животните, птиците и растенијата кои ги има во нивниот крај.

Во станицата за мерење на квалитетот на водата „Еколошкиот автобус“ беше пречекан од раководителката на станицата и од капетанот на бродот со кој се земаат примероци од Преспанското Езеро. Учениците имаа можност да ја видат опремата со која се испитуваат примероците од водата и беа запознаени кои параметри се набљудуваат.

Во конференциската сала претставникот од МЕД одржа кратко предавање за еутрофикација. На многу сликовит начин им беше прикажан процесот кој се одвива во еко системот на Преспанското Езеро и што се случува со животинскиот и растителниот свет при загадување на езерото од разни загадувачи. Ова предавање предизвика голем интерес кај учениците, што придонесе за разбирање на потребата од поголема грижа за езерото и растителниот и животинскиот свет кој живее во него.

По предавањето следуваше најинтересниот дел за учениците, посетата на бродот со кој се земаат примероци од Преспанското Езеро. Капетанот на бордот им посака добредојде на сите учесници и воедно ги покани на бродот да ја разгледаат опремата со која располага самиот брод.

Еколошкиот автобус ги посети и двата информативни центри кои се наоѓаат во овој регион. Во информативните центри учениците добија информации за националниот парк Галичица, колкава територија опфаќа, колку ендемски видови живеат на ова подрачје, на колку заштитни зони е поделен самиот парк и зошто е прогласена Гачиција за национален парк.

Со посетата на информативните центри се заврши заедничката акција „Еколошки автобус“.

Оваа активност е дел од акцискиот план за поголема вклученост на јавноста во процесот на донесување одлуки во областа на животната средина, кој е изработен за периодот 2017-2020 година. Целта на акцискиот план, а воедно и на проектот, е да се зголеми вклученоста на граѓанските организации во процесот на донесување одлуки од областа на животната средина на локално ниво и да се зајакне свеста на граѓанските организации за прашања поврзани со животната средина за поголема вклученост во креирањето на општествени промени во однос на доброто владеење и носењето одлуки на локално ниво.

Во рамките на оваа активност за секој учесник беа поделени пакети (вода, сок и сендвич) и промотивни материјали: магнети, беџови и подметнувачи за чаши брендирани со логото на проектот, донаторот и пораката за вклучување за поздрава животна средина.

Настанот е дел од проектните активности на проектот „Зголемено вклучување на граѓанското општество во процесот на донесување одлуки од областа на животна средина“ и е финансиран во рамките на програмата за акциски грантови на ЦивикаМобилитас.