Промовиран е првиот извештај во сенка за Поглавје 27

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

На 30.11.2021 со почеток во 11 часот, се одржа промоцијата на првиот извештај во сенка за Поглавје 27 – животна средина и климатски промени, изработен во рамките на граѓанската платформа на граѓански организации – Платформа 27

Извештајот дава препораки кои според граѓанските организации се важни за подобрување на состојбата со животната средина во РСМ и претставува алатка за координирање на комуникација на ГО со надлежните органи. Согласно направените анализи Усогласувањето на законодавството е на средно ниво (освен клима), кое дава доволна основа за спроведување на законодавството. Добро е разгрането и речиси сите области се покриени. Спроведувањето на законодавството е на почетно ниво, со исклучок на хоризонталното под-поглавје. Административните капацитети се недоволни, особено на локално ниво, како за спроведување, така и за инспекциски надзор. Финансирањето на животната средина е минимално (природа нема буџетско финансирање) што значително влијае на спроведувањето. Интегрирањето на политиките на животната средина во останатите политики на државата е на почетно ниво, при што МЖСПП не може да го направи интегрирањето без поддршка од другите сектори и препознавање како приоритет на Владата.

Извештајот за хоризонтално законодавство посочува дека постапките за оценка на влијание врз животна средина и стратегиска оценка на влијание врз животна средина се спроведуваат но известувањата за отпочнување на постапка и објавување на извештаите не се потенцираат на почетната страна на МЖСПП.  Како и да е, постои континуиран дијалог со граѓанското општество, но потребни се дополнителни напори за подобрување на пристапот до информации, учеството на јавноста и консултациите во процесите на донесување одлуки. Одреден напредок е постигнат во однос на директивата за просторни податоци, додека пак директивата за одговорност кон животната средина нема напредок. Во однос на директивата за еколошки криминал потребно е да се дополни Кривичниот законик со други дејности/активности кои би можеле да ја зголемат одговорноста за животната средина.

Извештајот за воздух нотира голем степен на усогласеност на ЕУ законодавството за воздух со националното. Сепак, И покрај добро развиената мрежа за мониторинг, како и високата усогласеност на националното законодавство за воздух со европското, сепак квалитетот на воздухот не ги задоволува ЕУ стандардите.Подобрувањето на квалитетот на воздухот, односно постигнувањето на граничните и целни вредности, условува долгорочна напорна работа на повеќе сектори. За да обезбедиме подобар квалитет на воздухот потребно е проблемите да се анализираат и со нив да се управува интегрирано, но најважно од се е да се делува истовремено во секторите: енергетика, индустрија, греење на домаќинства и јавни објекти, урбанистичко планирање, сообраќај и транспорт, и управувањето со отпад. Оттука, извештајот препорачува донесување на долгорочна стратегија за чист воздух (најмалку за 10 години) со Акционен план во која ќе бидат вклучени сите сектори кои придонесуваат во квалитетот на воздухот (индустријата, енергетиката, транспортот, урбанистичкото планирање и земјоделството).

Во однос на индустриското загадување и управување со ризик, анализата укажува на проблеми пред се во спроведувањето на законодавството, недостаток на финансиски средства за истото, како и недостаток во однос на административните капацитети, особено на локално ниво. Законодавството е делумно транспонирано, додека Директивата за средните согорувачки капацитети воошто не е транспонирана, така што извештајот препорачува итно донесување на Законот за контрола на емисиите од индустриски активности во кои ќе бидат транспонирани Директивата за индустриски емисии и Директивата за средни согорувачки капацитети.

Управувањето со отпадот и после 15 години од првиот Закон за управување со отпад, се базира на собирање и негово депонирање. Хиерархијата за управување со отпад не се почитува и управувањето со отпадот се заснова на најнепосакуваната опција за управување а тоа е депонирањето.

Иако Законот предвидува регионално управување со отпадот сепак со отпадот сеуште управуваат општините преку јавните комунални претпријатија кои вршат собирање на отпадот и депонирање на локалната најблиска депонија. Системот за селекција сеуште изостанува, односно во голема мера се заснова на селекција воспоставена од страна на колективните постапувачи. Целите за постапување со посебните текови на отпад не се постигнати, а производителите повеќе од 40% не се вклучени во системите на колективни или самостојни постапувачи со што не ја остваруваат својата проширена одговорност.

Извештајот препорачува најитно воспоставување на интегиран регионален систем за управување со отпад во сите региони каде што има изработени регионални плански документи и физибилити студии, односно проекти за изградба на регионални депонии и трансфер станици, зголемување на надзорот на Државниот инспекторат за животна средина и на МЖСПП врз општините околу начинот на спроведување на обврските на општините во постапувањето со отпадот, обезбедување средства во буџетот на државата, но и на општините и градот Скопје за воспоставување на инфраструктура за селектирање на отпадот, негово селективно собирање и преработка и преземање на мерки за затворање на непрописните депонии.

Прашањата за област природа е едно од најкомплексните области во поглавјето 27. Во врска со состојбата, меѓу другото извештајот препорачува интензивирање на теренските истражувања и прибирање на потребните податоци за видовите и живеалиштата од европско значење, изработка на Црвени листи на загрозени видови за останатите таксономски групи, ревидирање на Листите на строго заштитени и заштитени диви видови, продолжување со идентификација на потенцијални Натура 2000 подрачја и проширување на мрежата на заштитените подрачја, планирање и спроведување долгогодишна и континуирана кампања за Натура 2000 мрежата, донесување планови за управување за сите заштитени подрачја, кои би го зеле предвид и видовите и живеалиштата од европско значење и исто така обезбедување државно финансирање за функционирање на заштитените подрачја и заштита на биодиверзитетот.

Во однос на климатските промени земјата во моментов носи климатски политики со високо ниво на амбиција и климатски цели кои се во насока на остварување на зацртаните климатски цели на ниво на ЕУ, меѓутоа сеуште недостасува нивна реална имплементација. Нотиран е низок степен на усогласеност на се поголем обем на ЕУ законодавството за клима. Анализата укажува на итна потреба од донесување на Законот за климатска акција преку спроведување на постапка за консултација со јавноста и ГО и итно донесување на  Националниот план за клима и енергија. Исто така неопходно е да се работи на мерки за адаптација кон климатските промени особено во најранливите сектори (земјоделие, природа и здравство) и обезбедување буџет за генерирање на нови научни податоци кои ќе бидат базирани на истражување на состојбата на терен потребни за ублажување и прилагодување на земјата кон климатски промени.

Областа води претставува едно од најкомплексните и најскапите области од преговарачкиот процес на ЕУ на земјата. Во оваа област државата бележи одреден напредок во однос на пречистување на отпадните води меѓутоа неопходно е да се зголеми буџетот што се издвојува за управување со водните ресурси. Да се обезбеди издавање на дозволи за користење на водата од сите субјекти кои ја користат водата, било со зафаќање или пак со испуштање на материи во водата. Исто така неопходно е сите индивидуални водоснабдителни системи да се вклучат во јавните водоснабдителни системи што се под управување на јавните комунални претпријатија со цел да се гарантира безбедноста на водата за пиење. Да се работи на намалување на неприходна вода (загуби на вода) од јавниот водоснабдителен систем и донесување на максимален праг на загуби на водата за пиење од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и да се развие програма за мониторинг и воспоставување оперативен мониторинг на целата територија на државата со обезбедени финансиски средства за спроведување.

Препораките и критичките осврти во извештајот имаат за цел да ги поттикнат надлежните органи на делување, да го насочат вниманието на донаторите и Европската комисија со цел обезбедување на поддршка, како и да ја запознаат пошироката јавност со комплексноста на Поглавјето 27. ГО со извештајот настојуваат да бидат партнер, но и коректор, на МЖСПП и СЕП, но и на другите органи, во спроведување и споделување на предизвиците кои престојат со ЕУ преговорите за Поглавјето 27. ГО настојува да бидат активен дел (член) во Работната група на НПАА за Поглавјето 27 и соодветните подгрупи.

Целиот извештај може да се преземе од веб страната на Платформа 27, www.platforma27.mk