Прв Соларен саем во Охрид: Граѓаните се запознаа со можностите на сончевата енергија

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

На 22 јуни на Градскиот плоштад во Охрид се одржа првиот Соларен саем, кој привлече голем број граѓани заинтересирани за сончевата енергија, обновливите извори на енергија и можностите за активно вклучување во енергетската транзиција.

Во рамки на настанот посетителите имаа можност да се информираат за придобивките од користење на сончевата енергија, процесот на поставување фотонапонски системи во домаќинствата, како и концептот на просумер – граѓанин кој произведува и истовремено троши сопствена електрична енергија. Преку информативни и интерактивни активности беа презентирани и практични решенија за примена на соларната енергија во секојдневието.

Посебен интерес предизвикаа демонстрациите, каде граѓаните можеа да видат како се произведува електрична енергија преку возење велосипед, како и примери за практична примена на сончевата енергија, вклучително и подготовка на сушена храна со помош на соларна сушара.

Настанот овозможи директна комуникација помеѓу граѓаните, организации и компании од секторот преку поставените информативни штандови, со цел доближување на техничките и практичните аспекти на обновливите извори на енергија.

Изразуваме благодарност до Збогум Буково, Еко Вита и Go Green за нивниот придонес и поддршка во реализацијата на настанот.

„Соларен саем Охрид“ е организиран од Центарот за климатски промени во рамки на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, поддржан од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија, во рамки на NDICI CHALLENGE/2024/455-010 „Финансирање на поправедни иднини: Проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“, координиран од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија.