Платформа 27 во медиумите -Интервју со м-р Јадранка Иванова: Колку проблемите во областа на животната средина нè оддалечуваат од ЕУ?

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

За Платформа 27 и ситуацијата со животната средина и пристапувањето во ЕУ, пишуваше Порталот Порта 3, каде на прашањата за тоа колку проблемите во животната средина не оддалечуваат од ЕУ одговараше г-ѓа Јадранка Иванова, експерт за апроксимација на законодавството во областа на заштита на животната средина.

Во која област од животната средина сме во предност во однос на регионот, а во која област најмногу заостануваме?

Споредено со другите земји на Западен Балкан, со оглед на тоа дека подолго време ги следам евроинтегративните процеси како директен учесник, како во нашата држава, така и во земјите од регионот, сметам дека воопшто не заостануваме, ниту во однос на усогласеноста на законодавството од областа на животната средина со она на ЕУ, ниту, пак, во однос на спроведувањето на истото. Сепак, би кажала дека напредокот којшто го бележиме низ годините во областа на заштита на животната средина можеби не е колку што Европската Унија го очекува од една земја кандидат за членство.  Земјите од Западен Балкан, генерално, многу заостануваат во спроведувањето на законодавството, во однос на земјите членки на ЕУ. Она што ја издвојува Северна Македонија од соседните држави кандидати за членство во Унијата е што има поголем степен на усогласеност  на законодавството со она на ЕУ, како и голем напредок во развивањето плански документи, кои ЕУ ги бара согласно со политиките за заштита на животната средина, посебно во областите на климатските промени и управувањето со отпадот. Европската комисија особено ја поздрави посветеноста на националната администрација во изминатиот период од 10-тина години кога се искористија значителни ИПА средства  за изградба на неколку станици за прочистување на отпадните води (Прилеп, Кичево, Струмица и Радовиш), како и идните планови за изградба на станици за прочистување на отпадните води во Скопје, Битола и Тетово кои ќе се финансираат преку ИПА 2 и ИПА 3 инструментот. Во контекст на овие значајни инвестиции, покрај огромната корист за граѓаните на нашата држава од аспект на подобра животна средина, особено би сакала да истакнам дека со ова ќе се постигне значително ниво на прочистување на отпадните води, што го немала ниту една земја кандидат која била на иста позиција во процесот на преговарање со ЕУ, како што сме ние сега.

Сепак, потребно е да се направат дополнителни напори во однос на спроведување на законодавството, особено во оние области каде што веќе постојат изработени плански и проектни документи за реализирање активности кои се директно насочени кон зачувување на животната средина. Тука особено сакам да го потенцирам управувањето со отпадот, каде што сè уште постои застој во реализација на подготвените проектни документи за воспоставување регионални системи за управување со отпадот. Доколку акцентот на користењето на средствата во рамките на ИПА 1 беше управувањето со водите, сосема оправдано беше заеднички договорено со ЕУ дека значителни средства од ИПА 2 ќе се насочат кон управувањето со отпад. Делумно, причината за овој застој  ја гледам во фактот што заштитата на животната средина сè уште не е една од главните политики на Владата на РСМ. Доказ за ова е делот од буџетот што се одвојува за животната средина во државата, како и самиот буџет на МЖСПП. Ова е случај и во другите држави од Западен Балкан, односно политичката моќ на министерствата за животна средина е уште многу послаба споредбено со останатите економски ресори во рамките на владите. Дополнително, административните капацитети на институциите задолжени за управување со животната средина се слаби и недоволни, како на централно, така и на локално ниво.

Ако ја погледнеме програмата на ЕУ во сегашниот состав, Градење на климатски-неутрална, зелена, правична и социјална Европа, таа е еден од главните приоритети за кој се одвојува голем дел од европскиот буџет. Дури и помошта што се издвојува од европскиот буџет за земјите членки заради закрепнување од Ковид-19, е условена со поддршка на економски активности кои го поттикнуваат зелениот развој и концептот на т.н. циркуларна економија.

Затоа е неопходна голема посветеност, пред сè на Владата, но и на МЖСПП во поставување на животната средина како приоритетна политика што ќе биде изразено преку јасно воспоставување цели, но и издвојување значителни финансиски средства кои ќе бидат насочени кон нејзино реално спроведување, како и за  спроведување на законодавството.

Целиот текст е објавен од порталот Порта 3 и можете да го погледнете на следниот линк https://www.porta3.mk/intervju-m-r-jadranka-ivanova-kolku-problemite-vo-oblasta-na-zhivotnata-sredina-ne-oddalechuvaat-od-eu/ 

Превземено од Порта 3