Во моментот во ЦКП се активни следните програми:

Зелена Агенда за Западен Балкан
Активно работиме на операционализација на политиките од Зелената агенда, водени од визијата за јаглеродно-неутрално општество. Нашата мисија е да им помогнеме на општините и сите чинители на локално ниво во зелената транзиција и исполнувањето на европските климатски цели преку инклузивни и транспарентни процеси.
Спроведуваме насочени активности за зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, со цел ефикасно и доследно спроведување на законодавството за животна средина и енергетика. Ова го постигнуваме преку развој на иновативни дигитални алатки за мониторинг и изработка на стратешки патокази, кои служат како практичен водич за исполнување на законските обврски на локално ниво. Дополнително, преку регионални форуми за дијалог, поттикнуваме демократско учество и ја подигнуваме јавната свест, обезбедувајќи транспарентност и отчетност во процесот на примена на националните и европските регулативи.

Климатска акција
Поттикнуваме подобро разбирање преку активности за проценка на ризици од климатски промени кои ќе допринесат за решенија за ублажување на климатските промени и градење климатска отпорност на локално и национално ниво. Обезбедуваме директна техничкаподдршка на општините со цел подобро планирање на процесите и активностите за климатска акција и тоа преку изработка на Акциски планови за одржлива енергија и клима (SECAP), како и детални проценки на ранливост и ризици. Нашата работа опфаќа развој на инвентари на стакленички гасови, мапирање на природните катастрофи и спроведување мерки за адаптација кои водат кон создавање јаглеродно-неутрални и климатски отпорни заедници. Истовремено развиваме алатка за зелено и партиципативно буџетирање кое ќе им овозможи на општините подобро планирање и алокација на ресурси со цел справување со ефектите од климатските промени.

Аерозагадување
Активно придонесуваме кон намалување на аерозагадувањето во локалните заедници преку изработка и ревидирање на локални планови за квалитет на амбиентниот воздух, во согласност со националните и европските барања и специфичните потреби на општините. Нашата работа опфаќа и подигнување на свеста за внатрешното загадување во објектите, како и градење на капацитетите на младите за застапување и активно учество во носењето локални одлуки.

Енергија
Ја предводиме енергетската транзиција на локално и национално ниво преку промовирање на обновливи извори на енергија и унапредување на енергетската ефикасност. Обезбедуваме директна техничка поддршка на малите и средни претпријатија за воведување системи за енергетски менаџмент и спроведување на енергетски контроли. Истовремено, активно придонесуваме кон праведната транзиција од јаглен кон чиста енергија преку мапирање на сончевиот потенцијал, како и кон создавање „еко-паметни општини“ кои интегрираат зелена енергија и одржлив развој за граѓаните.

Циркуларна економија
Го трансформираме системот за управување со отпад преку директна имплементација на принципите на циркуларната економија на локално ниво и на работните места. Преку конкретни пилот-проекти, се стремиме да воспоставиме примарна селекција на пластика директно во домаќинствата, со што значително се намалува количеството отпад на депониите. Дополнително, преку анализи и поддршка за граѓанските организации поттикнувамеактивности за циркуларна економија.

Активни граѓани
Центарот за климатски промени создава моќен демократски простор за информирање, мобилизација и заедничка акција. Оваа платформа служи како мост помеѓу граѓанското општество и донесувачите на одлуки, со цел европските еколошки стандарди од Поглавјето 27 да станат реалност во нашите локални заедници, со активна вклученост на младие, жените и граѓаните.
Контактирај не! Пријави проблем во животната средина! Соработувај со нас!
Доколку сакате да дознаете повеќе за нашата работа, да пријавите проблем и да побарате совет, или пак да соработувате со нашата организација контактирајте не преку контакт формата




