Од 2008 година до денес, Центарот за климатски промени се етаблираше како еден од чинителите во спроведувањето на политиките за животна средина и клима во Македонија и регионот. Нашата работа не е само теоретска – таа е опиплива, поткрепена со податоци и насочена кон долгорочна одржливост. Преку реализација на бројни проекти поддржани од меѓународни и национални фондови, успеавме да изградиме мост помеѓу европските еколошки стандарди и локалните потреби.
Еден од нашите најзначајни придонеси е директната поддршка на општините во процесот на планирањето и реализирање активности за животна средина, клима и енергија. Досега имаме изработено голем број Акциски планови за одржлива енергија и клима, Планови за квалитет на амбиентен воздух, Еко Патокази, Патокази за Зелена Агенда,и многу други плански документи. Овие документи не се само административна обврска, туку патокази кои им овозможуваат на општините да пристапат до финансии и да ги заштитат своите граѓани од климатските ризици.
Во изминатите неколку години ја препознаваме потребата за дигитализација и иновативни алатки, па така во чекор со современите трендови, развивме сопствени дигитални решенија. Нашите ИТ алатки за мониторинг и ГИС мапирање на сончевиот потенцијал овозможуваат прецизно планирање на инвестициите во обновливи извори на енергија. Со воведувањето на меѓународниот стандард ISO 50001 во десетици компании и развивање на алатката за подобро управување со енергија директно придонесуваме кон зголемување на енергетската ефикасност и конкурентноста на бизнис секторот.
Верни на нашите вредности за демократија и инклузивност, обучивме стотици општински администратори, претставници на невладиниот сектор и млади лидери. Преку регионални форуми и едукативни програми за „зелени вештини“, ја подигнуваме јавната свест и поттикнуваме активно граѓанство кое е способно да учествува во донесувањето на еколошки одлуки.
Нашата досегашна работа е само темел за она што следува. Со успешно завршени проекти во областа на управување со отпад, декарбонизација и заштита на животната средина, продолжуваме да бидеме партнер на институциите во процесот на праведна транзиција. Целиме кон тоа нашите решенија да придонесуваат кон општество каде економскиот развој и природата постојат во совршена рамнотежа.



