Во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Македонија, Општина Охрид во партнерство со Центарот за климатски промени заеднички ќе го имплементираат проектот „Поддршка на прекугранично претприемништво / Транснационално бизнис консултантство“.
Главна цел на проектот е да го зајакне економскиот развој во прекуграничниот регион преку промоција и зајакнување на претприемништвото во Југозападниот плански регион и регионот на Солун.
Целни групи на проектот се невработените лица со потенцијал да станат претприемачи како и ново отворени компании кои сакаат да го зголемат својот удел на националниот и интернационалните пазари.
Во рамки на проектот педесет (50) претприемачи ќе имаат можност да развијат бизнис планови за отворање на нови или пак за развој на веќе постоечки бизниси. Со цел зајакнување на нивните вештини и знаења во процесот на планирање и развој, ќе бидат имплементирани две програми за обука.
Дополнително, во рамки на проектот ќе бидат развиени платформи за учење и користење на консултантски услуги како значаен дел во раст и развој на бизнисот и обезбедување на негова оддржливост.
Проектот ќе се реализира во периодот од Јуни 2016 до Септември 2017 година и ќе ги опфати целните групи на територијата на Југозападен плански регион. Повеќе информации за проектот и вклучување во истиот може да најдете на ckp.ohrid@gmail.com .