
Како националните зелени политики да се преточат во конкретни локални мерки, инвестиции и подобри услуги за граѓаните? Ова прашање ќе биде во фокусот на Регионалниот форум „Зелена агенда: од национални политики до локални економски можности“, што Центарот за климатски промени го организира на 30 октомври 2026 година, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје.
Општините имаат значајна улога во спроведувањето на зелените политики, од енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија до управувањето со отпадот и зачувувањето на зелените површини. Сепак, за локалните приоритети да се претворат во конкретни резултати, потребни се финансиски и стручни ресурси, поддршка од националните институции и соработка со граѓаните и приватниот сектор.
Токму овие потреби се појдовна точка на тригодишниот проект „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, чиј завршен настан е форумот. Проектот го спроведува Центарот за климатски промени заедно со партнерските организации, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Настанот ќе овозможи клучницте наоди на проектот и препораки да се разгледаат во дијалог со чинителите што имаат улога во нивната понатамошна примена. За таа цел, поканети се претставници на националните институции, градоначалници и општинска администрација, центри за развој на планските региони, меѓународни и граѓански организации, бизнис-секторот и други чинители што работат на одржлив локален развој. Преку размена на искуства, учесниците ќе ги разгледаат пречките во спроведувањето на Зелената агенда и можностите за посилна соработка, зелени инвестиции и заеднички проекти.
Дискусијата ќе се одвива низ два поврзани панели. Првиот, „Од национални политики до локално дејствување“, ќе се фокусира на националните приоритети, достапните алатки и ресурси и поддршката што државата може да им ја обезбеди на општините. Наодите и препораките од проектот ќе послужат како основа за разговор за тоа што е потребно за поефикасна примена на зелените политики на локално ниво.
Надоврзувајќи се на институционалната перспектива, вториот панел, „Локални зелени приоритети како основа за инвестиции и економски раст“, ќе ги претстави искуствата на општините, успешните мерки и предизвиците при нивната реализација. Посебно внимание ќе биде посветено на партнерствата и меѓуопштинската соработка како можност за здружување ресурси и привлекување инвестиции со придобивки за локалните заедници.
Сознанијата од двата панела ќе бидат основа за завршната дискусија, насочена кон утврдување заеднички приоритети и договарање следни чекори. Целта е националните заложби и локалните развојни потреби да се поврзат преку конкретни, применливи зелени иницијативи.
Ги покануваме сите заинтересирани да го пријават своето учество преку формуларот за регистрација. Регистрацијата на учесниците на денот на настанот започнува во 09:45 часот, а работен јазик ќе биде македонскиот. Деталната агенда е достапна на следниот линк.



