



Информирај се за ефектите од климатските промени и начинот на кој можеш да допринесеш во намалувањето на ефектите од климатските промени. Размисли за тоа и разговарај со твоите најблиски затоа што заедно можете повеќе да допринесете. Потоа разговарајте со локалната самоуправа, министерствата, индустријата, приватните претпријатија и објаснете им како нивните активности допринесуваат за климатските промени. Сите заедно можеме да направиме промени во нашето однесување се со цел да ги намалиме ефектите од климатските промени


Типично дрво може да апсорбира околу 21 килограм јаглерод диоксид (СО2) годишно, но оваа бројка се постигнува само кога дрвото е целосно пораснато – фиданките ќе апсорбираат значително помалку од ова. Во текот на животот од 100 години, едно дрво може да апсорбира околу еден тон СО2. Иако се чини дека ова е значителна количина, луѓето создаваат околу 40 милијарди тони СО2 годишно, што значи дека ќе треба да засадиме 40 милијарди дрвја годишно за да се надоместат создадените емисии. Дури и да беше ова можно, просторот на земјиштето значително ќе се намали.


Обновливи извори се ветерот, сонцето, геотермалната енергија и водата. За загревање на водата во домот може да се користи сонцето односно да се инсталираат сончеви панели кои сончевата енергија ја претвораат во топлинска и ја загреваат водата. На ваков начин наместо електрична енергија се користи сончевата енергија која е бесплатна и не допринесува кон емисија на стакленички гасови, а истовремено и не загадува.


Проценките покажуваат дека едно пластично шише со вода од 500 мл има вкупен отпечаток на јаглерод еднаков на 82,8 гр. јаглерод диоксид. И не е само тоа, за да се користи како пакување потребно е да транспортира, складира и потоа да се одложи. Доколку заврши во природата да се разложи потребни се неколку илјади години, а освен тоа неговото присуство во природата може да влијае негативно врз животните и растенијата. Затоа внимавај како ќе го одложиш, селектирај го во соодветниот сад за одложување на пластика за да може да заврши на соодветно место и да се рециклира. Со тоа заштедуваме користење на нови ресурси и емисија на стакленички гасови.


Глобалното производство на добиток придонесува со околу 18% од емисиите на антропогени стакленички гасови (GHG) главно во однос на метан и азотен оксид. Со намалената конзумација на месо и млечни производи овозможувате да се намали производството на добиток а со тоа и да се намалат стакленичките емисии.



