E-отпад создава можности

објавено во ПРОЕКТИ | 0

Центарот за климатски промени започна да го спроведува својот нов проект за подигнување на јавната свест за правилното постапување со електричниот отпад насловен како Е-отпад создава можности. Проектот е финансиран од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија и ќе се спроведува во времетраење од една година, односно до јули 2015 година.

Целта на проектот е да ја подигне свеста на населението со фокус на децата од основните училишта во државата за негативните влијанија на електричниот и електронски отпад (ЕЕО) врз животната средина и здравјето на луѓето како и да ја истакне потребата од селектирање на овој отпад. Воедно со проектот ќе се поттикне и натпреварувачкиот дух помеѓу училиштата, за што ќе бидат обезбедени соодветни награди за трите училишта кои ќе соберат најголеми количини ЕЕО.

Целна група

Директни корисници ќе бидат основните училиштата и општините во кои се лоцирани училиштата. Со цел да се обезбеди што поголема покриеност на целата територија на Република Македонија но воедно и да се вклучат што повеќе ученици селекцијата на општините кои ќе учествуваат во овој проект е направена врз основа на географската положба и големината на општината. Во проектот се опфатени вкупно 15 училишта од 10 општини од Република Македонија.

Дополнителни активности

Како дополнителни активности на овој проект планирано е да се изработат промотивни материјали, да се спроведат повеќе едукативни работилници за подигнување на свеста за правилното постапување со електричниот отпад, да се постават контејнери за одделно собирање на електричен отпад во училиштата и воопшто во секоја општина.